Винска приказна поттикната од големината на најголемиот меѓу големите велешани, чија порака „Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе“ е испишана на етикетата на виното „Рацин“ веќе раскажува винаријата „Шато Сопот“ крај Велес. На оваа приказна, тим од енолози и менаџери, работел во изминатите осум месеци за да од 20 хектари лозов насад, на кој доминира лозницата „Шардоне“ го создаде и му го посвети виното на големиот Коста Солев Рацин.

Виното во исто време e моќно, елегантно и големо какошто била и љубовта на Рацин кон Раца, рече енологот Кристина Ангелкова. Таа со колегата Божидар Илиевски се сметаат за креатори на крајниот производ, бело вино „Рацин“, од ексклузивната понуда на винаријата.

-Предизвикот да се направи ова вино беше доста голем. Реално, треба да имате потенцијал на вина и на лозови насади за да можете производот да го направите достапен. Ова вино е направено до сопствените лозови насади на „Шато Сопот“. Насадите со „Шардоне“ се на површина од околу 20 хектари. Ќе кажам дека суровината е најголем потенцијал за да се добие производот. Значајна за производството е и велешката клима, додаде Ангелкова.
Ова и уште две вина од ексклузивната понуда на „Шато Сопот“, поточно „Сербез“ и „Повардарец“, беа промовирани во рамките на меѓунардоната култорно поетска манифестација „58- Рацинови Средби“.

Виното „Сербез“ посветено е на една од најубавите македонски народни песни чија нарација извира од вистинската приказна, од градските љубовни воздишки, погледи, копнежи и трепети, од велешките сокаци и чаршиски излози, поточно од љубовта на Донка на Јаричкови и Милан на Ивчеви. Виното „Повардарец“ е инспирација од велешкото, како дел македонското виногорје во кое доминира ветерот повардарецот, што на свој начин е значаен во одгледувањето на лозовите насади.

За инспирацијата за производство на овие три вина од екслзивната понуда на Винарија „Шато Сопот“, сопственикот Сашо Клековски, раскажа:
-Кога размислувавме кои имиња да ги вградиме од Велес, во нашата винска приказна, невозможно беше да не се започнете со Рацин, којшто ја отсликува целата душа на Велес и на Македонија. И тоа од аспект на повеќе значења, не само од социјална, од патриотска,туку и од љубовната приказна на Рацин. Она што беше одлучувачко ,во нашата екслузивна селекција на вина, е што сите имаат име поврзано со Рацин и со Велес. Рацин го поврзавме со Шардоне бидејќи таа приказна е помеѓу виното, името и ликот. Видот „Шардоне“ како поголема сорта што ја одгледуваме на нашите лозови насади во Сопот одговара на големината на Рацин, со што исто така придонесуваме кон бесмртноста на великанот. Виното „Сербез“ е поврзано со историјата на градот, поточно со познатата песна посветена на ликот на велешанката Сербез Донка. Виното „Повардарец“ е делот од нашата винска приказна што говори за свежиот ветер што дува низ повардарието и во Велес, додаде Клековски.
Од винарија „Шато Сопот“, најавија и следни вински приказни поврзани со исто така значајни имиња на ликови од урбаниот живот во Велес.